Факултетот за туризам и угостителство од Охрид беше организатор на вториот вебинар во рамките на проектот "Одржливост во кулинарските практики: традиција и иновации кон одржлива иднина", дел од програмата Еразмус+ на Европската Унија, а со цел подобрување на знаењата и свеста за одржливост во областа на кулинарството. Вебинарот што е дел од серијата од четири вебинари што се координираат од страна на факултетот, а со цел унапредување на академските, научните и стручни знаења од областа на гастрономијата, прехранбените технологии, и одржливите практики во управување со синџирите на снабдување во прехранбениот сектор. Овие знаења треба да ја стимулираат и подигнат свеста за одржливост во кулинарските практики и треба да придонесат кон создавање на иновативни алатки за предавање и учење. Овие ресурси ќе бидат искористени од страна на институции што обезбедуваат стручно образование и обука за професионалци во областа на кулинарството, како и за зголемување на дигиталната подготвеност на 4-те партнерски институции: Атлантскиот технолошки универзитет (АТУ) Галвеј, Ирска; Едукативниот центар за кулинарство Медитеранео во Валенсија, Шпанија; Школата Жесе де Форест од Авен, Франција и Факултетот за туризам и угостителство Охрид и Факултетот за биотехнички науки Битола, Универзитет Св. Климент Охридски Битола, Македонија. Пред повеќе од 50 учесници на вебинарот, меѓу кои професори, научни и стручни лица и студенти од земјите партнери, свои стручни предавања одржаа проф. д-р Гордана Димитровска, проф. д-р Елена Јошевска и доц. д-р Климент Наумов. Професорката Димитровска презентираше истражување на тема „Искористување на отпадните материи од прехранбената индустрија согласно стратегијата за одржливост на Европската унија“ каде посебно го истакна значењето на одржливите практики во прехранбениот сектор во насока на искористување на отпадните материи. Во предавањето, покрај целите за одржливи развој во согласност со стратегијата на ЕУ беа презентирани и целите и принципите на Стратегијата "Од нива до трпезарија" (Farm to Fork Strategy - f2f) на ЕУ. Во предавањето беа изнесени и практични препораки за подобрување на одржливоста во овој сектор. Професорката Елена Јошевска имаше предаваше на тема „Намалување на отпадоците од храна во малопродажба и угостителските објекти“. Во истражувањето беа анализирани и дефинирани количините на отпад во малопродажбата и посебно се истакнаа различните видови на отпад од храна во угостителските објекти и институционалните кујни. Притоа, акцент се стави на чекорите кои треба да се преземат за воспоставување на култура на одржливост во угостителските објекти, презентирајќи конкретни препораки за управување со вишокот на храна. Со ова предавање, учесниците добија конкретни алатки и стратегии за подобрување на одржливоста во областа на малопродажбата и храната во угостителството. Професорот Климент Наумов, ја истражи и ја презентираше врската помеѓу традиционалното конзервирање на храна и намалувањето на отпадот, со посебен осврт на искуствата на Охридското и Преспанското Езеро. Неговите препораки за заштита на рибниот фонд и намалување на отпадот од риба претставуваа значителен принос за разбирањето на важноста на одржливите практики во регионот. Предавањата поттикнаа низа дискусии и размена на мислења во насока на подигнувањето на свеста и стекнување на нови знаења и искуства во областа на одржливоста во кулинарските практики. Овие знаења несомнено ќе придонесат кон развој на иновативни алатки за предавање и учење што ќе имаат практична примена во образованието и обуката на професионалци во угостителството.
0 Comments
Факултетот за туризам и угостителство од Охрид беше домаќин на втората транснационална тренинг конференција за одржливи практики во кулинарството и развој и генерирање на дигитални алатки и ресурси што ќе се користат во образованието, како дел од проектот SCOOK во рамки на акцијата КА220VET од Еразмус + програмата. Настанот се одржа во Охрид и Битола во периодот од 16 до 20 октомври, а на истиот, покрај професорите и студентите од ФТУ Охрид, учествуваа професори и професионалци од АТУ универзитетот во Голвеј, Ирска; Едукативниот центар за кулинарство Медитеранео во Валенсија, Шпанија, Школата Жесе де Форест од Авен, Франција и Факултетот за биотехнички науки од Битола, Македонија. На конференцијата се одржаа серија работилници согласно целите на проектот кој се вклопува со приоритетите на ЕУ за одржлив развој како дел од Агендата 2030 на ОН. Работната средба започна со дисеминација на резултатите и реализираните истражувачки и тековни акции за реализација на целите на проектот, како и запознавање со студиските програми, начинот на студирање и можностите кои ги нуди универзитетот и факултетот. Во тековната недела, беа одржани предавања во делот на развој и имплементирање на дигиталните алатки во образованието, како и теми поврзани со организирана целосна дигитализација во агроиндустрискиот сектор. Презентирани беа низа практични примери за одржливост во делот на прехранбената индустрија и кулинарството. Покрај тематските предавања, дискусии и обуки, беа организирани и теренски активности во Охрид и Битола, преку кои останатите партнери имаа можности да се запознаат со одржливост на производството во млекарската индустрија согласно стратегијата F2F, традиционални кулинарски практики како и со одржливо органско пчеларење. Посета беше направена и на Факултетот за биотехнички науки, Битола како високообразовна институција која профилира кадри во делот на прехранбената индустрија. Преку синергија на експертиза и искуство кое во проектот го носат сите партнери, како и дебатите, заклучоците од организираните активности, може да се констатира дека целите на проектот, се актуелизираат, промовираат и се реализираат според предвидената динамика. Охрид и Факултетот за туризам и угостителство Охрид ќе бидат домаќини на втората транснационална конференција за одржливи практики и генерирање на алатки во кулинарството. Предвидени се низа активности во врска со дисеминација на досегашните резултати и реализираните истражувачки и тековни акции во врска со целите на проектот.
Покрај тематски предавања, агендата предвидува и теренски активнсти во Охрид и Битола со цел запознавање со концептот на одржливост на производството во млекарската индустрија согласно стратегијата F2F, традиционални кулинарски практики како и со одржливо органско пчеларење. Во продолжение е деталната агенда за настанот што ќе се одржи во Охрид од 16 до 20 Октомври 2023 година. Факултетот за туризам и угостителство организираше студентска конференција за економија и бизнис во услужните дејности што се одржа во Охрид на 22.05.2023 Една од работните сесии на конференцијата беше на тема Гастрономија. Студентите од департментот за Гастрономија при ФТУ и од Факултетот за биотехнички науки, под менторство на проф. д-р Климент Наумов, проф. д-р Елена Јошевска и проф. д-р Гордана Димитровска, учествуваа со свои истражувања од областа на кулинарството, гастрономијата и прехрамбените технологии и презентираа трудови во кои беа интегрирани дел од знаењата и сознанијата што ги добија преку учество на вебинарот во рамките на SCOOK проектот. Беа презентирани истражувања на следните теми:
Повеќе за конференцијата на ФБ страната на ФТУ Охрид: ttps://www.facebook.com/ftu.uklo/posts/pfbid0d1hjjzT9929TRhHdY897nTQCBDRQ9noLjHgFLNBYz6BvN63cKhnfqBn24Ys4pVDCl Или на официјалната страна на ФТУ Охрид: https://ftu.uklo.edu.mk/studentska-konferencija/ На 17ти мај 2023 се одржа вебинарот на тема: Одржливост, како една од активностите од меѓународниот проект: Одржливост во готварските практики: Традиција и иновација кон одржлива, дигитална и иновативна иднина, со акроним: SCOOK. SCOOK е проект во кој учествуваат образовни институции од областа на угостителството од четири европски земји и тоа: Атлантскиот технолошки универзитет-Голвеј од Република Ирска, Кулинарскиот центар Медитеранео-Валенсија, од Кралството Шпанија, Колеџот Жесе де Форест- Авен сур Елп, од Република Франција и Факултетот за туризам и угостителство-Охрид, Република Македонија. Првиот, од четирите предвидени вебинари, во рамките на проектот беше реализиран и содржински подготвен од страна на АТУ-Голвеј. Панелисти на вебинарот беа: Енда Макавој (Enda Mc Evoy), сопственик и шеф на ресторанот ЛОАМ (LOAM https://loamgalway.com/enda-mcevoy/ ) од Голвеј; и Морис Мекгиан (Maurice Mc Geehan), познат како шеф кој не создава отпад (no waste chef) https://donegalnews.com/2022/01/performance-chef-maurice-mcgeehan-on-sports-nutrition/. Енда Макавој се осврна на одржливоста од аспект на користењето на свежи и сезонски намирници, земајќи го примерот на неговиот ресторан ЛОАМ. Тој потенцираше дека синџирот на набавка на намирници мора да биде составен од мали производители на органска храна кои имаат време и желба целосно да се посветат на работата. Еден од клучните моменти на одржливоста е целосно користење на сите намирници и тежнеење кон генерирање на 0 отпад. На пример од една свиња може да се искористи буквално сé, од месо до кожа, од нозе до внатрешни органи. Додека пак неизбежниот отпад може да влезе во процесот на компостирање и создавање на органско ѓубриво кое би се употребувало на фармите на малите производители на органска храна. Морис Мекгиан, го опиша своето искуство како шеф во различни ресторани низ целиот свет, но како најголем животен предизвик го неведе моментот кога започнал да работи во кујни за колективна исхрана, за спортски тимови, каде се создава многу отпад. После многу обиди успева во идејата да создаде кујна која нема да генерира отпад и ќе даде втора шанса на производите за кои се сметало дека не може да бидат употребени (презреани банани, дршки од карфиол и брокула, лушпи од ананас, оштетени јаболка, лушпи од различни видови зеленчук и тн.) Тој успева да создаде систем кој е одржлив и ја продолжува употребливоста на претходноспоменатите производи преку различни методи на дехидрирање, конзервирање, ферментација и др. Последниот дел од вебинарот беше резервиран за прашања и дискусија во однос на опфатените теми. На вебинарот како активни слушатели од македонска страна зедоа учество тековни студенти, алумни и професори од Факултетот за туризам и угостителство-Охрид, Факултетот за биотехнички науки-Битола, и други чинители од областа на гастрономијата, угостителството, прехранбените технологии и прехранбената индустрија. По повод денот на Европа 09 Мај под мотото ʺ ПРИДОБИВКИ ОД ЕВРОПСКИТЕ ФОНДОВИ И ГРАНТОВИ ʺ, на платото на Офицерскиот Дом –Битола, а на покана од Општина Битола, чија цел беше промоција на проекти, грантови и активности кои се реализираат во образовните установи во нашата држава со помош на Европската Унија; претставник на тимот од проектот ʺОдржливост во кулинарските практики: Традиција и иновации кон одржлива иднинаʺ познат под акронимот SCOOK, Проф.д-р Елена Јошевска, активно учествуваше во претставувањето на проектните активности на истиот.
Имено, беше претставен проектниот тим предводен од професори на Универзитетот Св. ʺКлимент Охридски ʺ Битола, од Факултетот за туризам и угостителство-Охрид и Факултетот за биотехнички науки-Битола и детално беа образложени целите и времетраењето на проектот, како и партнер институциите преку кои ќе се реализираат проектните активности, преку изработени флаери. Професорката во своето излагање на локалното Универзитетско радио УКЛО ФМ, https://www.youtube.com/watch?v=RgUw8_Md3Vw&t=1846s (ʺ25:44- 31:19ʺ) посочи дека резултатите кои ќе се добијат од поставените цели на проектот ќе имаат апликативна примена во секторот угостителство и прехранбена индустрија, a истовремено потенцира дека ќе бидат креирани и алатки за предавање и учење кои ќе се искористат од страна на агропрехранбениот и образовниот сектор кои вршат стручно усовршување и обуки од овој домен. Најавени беа идните планирани активности и работни средби, а беа нагласени и придобивките од реализацијата на проектот за развојот на факултетите учесници и Универзитетот кој преку низа на вакви грантови ќе стане уште попрепознатлив во Европскиот високообразовен простор. Учеството на УКЛО на тренинг конференцијата што ја организираше беше објавено и на неколку локални и национални медиуми. Во прилог се линкови до објавените вести: Time.mk - национален генератор на вести (кликни на сликата за да ја видите веста) OhridNews - локален и наиционален медиум (кликни на сликата за да ја видите веста) ФТУ - интернет страна на Факултетот за туризам и угостителство Охрид, Универзитет Св. Климент Охридски Битола (кликни на сликата за да ја видите веста)
Во организација на Атлантскиот технолошки универзитет од Голвеј (АТУ), Ирска, од 20 до 24 февруари 2023 година, се одржа транснационална тренинг конференција за одржливи практики во кулинарството, како дел од проектот SCOOK во рамки на акцијата КА220VET од Еразмус + програмата, а на која учествуваа професори и професионалци од повеќе високообразовни институции од Ирска, Франција, Шпанија и Македонија. На покана на АТУ универзитетот од Галвеј, дел од оваа тренинг конференција беа и професорите од Факултетот за туризам и угостителство (ФТУ) од Охрид: д-р Климент Наумов и д-р Александар Трајков, кои претходно учествуваа во подготовка на апликацијата за SCOOK проектот со колегите од АТУ универзитетот во Голвеј, Ирска; Едукативниот центар за кулинарство Медитеранео во Валенсија, Шпанија и Школата Жесе де Форест од Авен, Франција и Факултетот за биотехнички науки од Битола, Македонија. На конференцијата се одржаа серија работилници согласно целите на проектот кој се вклопува со приоритетите на ЕУ за одржлив развој како дел од Агендата 2030 на ОН. Посебно внимание се посветува на одржливоста во секторот Хотели, Ресторани и Кетеринг, од сите делови на синџирот на храна: производство на храна, преработка и пакување на храна, транспорт на храна, подготовка на храна, отпад на храна и рециклирање. Целта е да се подигне свеста за одржливоста и влијанието на животната средина врз синџирот на храна, пред се во институциите што едуцираат кадри од секторот хотели, ресторани и кетеринг. Резултатите од истражувањата што ќе се вршат во текот на проектот ќе се искористат за развивање на дигитални и други ресурси што ќе ја стимулираат дигиталната подготвеност во врска со одржливоста. Тоа ќе се постигне преку генерирање на повеќејазичен прирачник за одржливост на синџирот на храна во 4-те партнерски институции. Притоа, ќе има серија од 4 вебинари за тековните традиционални и иновативни практики за одржливост; и на крај ќе се креираат повеќејазични иновативни дигитални педагошки материјали за одржливи практики во кулинарството (на пр., видеа, игри, h5p содржина и сл.). Тим од Универзитетот Св. Климент Охридски Битола во наредните три години ќе работи во подготовка на студиите и современите дигитални алатки што ќе се користат во образованието и обуките како дел од меѓународниот конзорциум на професори и експерти од повеќе образовни и тренинг институции од Ирска, Франција, Шпанија и Македонија. |
УКЛО БитолаФакултет за туризам и угостителство Охрид powered by Surfing Waves
Archives
February 2024
Categories |